Вести Македонија Најважни

Конструктивна лидерска средба, со компромис во најава

Компромис за Законот за прекршоци, за да може да профункционира Сејф сити, итни консултации за избор на Народен правобранител, нов изборен законик до јуни и укинување на техничката влада од некои следни избори, е епилогот од денешната лидерска средба, на која дојдоа претставници од сите парламентарни партии, освен од СДСМ.

Сите учесници ја оценија средбата како изненадувачки конструктивна, на која биле дадени голем број предлози и идеи. За голем дел од прашањата, според премиерот,присутните имале исто мислење.

Убеден е дека, за итните отворени прашања следните денови ќе се најде решение и ќе бидат надминати. Во однос на техничката влада, сите присутни се согласиле дека треба да замине во минатото, но дополнително ќе се договараат од кога.

  • „Генерално сите се согласивме дека техничката влада треба да замине во минатото. Мислам дека треба да покажеме одговорност дека сами можеме да носиме зрели одлуки. За мене ова е зрела одлука. Сепак не е мој личен карактер, ниту начин на размислувања тоа да не биде консензуално. Видовте дека една коалиција отсуствуваше денеска. Доколку таа коалиција
    не го прифати ова носење на измени во Законот за Влада, со што би се избришала техничкатавлада за следните парламентарни избори, мојот предлог беше да не го правиме тоа на сила, без нивна согласност, туку да донесеме измени на Законот, техничката влада да не важи по следните избори. Ако толку инсистираат да важи за овие избори, еве измените да не ги опфатат следните парламентарните избори, туку тие што ќе следат по тоа“, изјави премиерот Мицкоски.

Ќе се бараат креативни решенија и за избор на Народен правобранител, за што од Левица имале свој предлог. Се разговарало и за начинот на гласање на дијаспората.За барањата на ДУИ за кои денеска не стигнале да разговараат, Мицкоски и Ахмети повторно ќе се сретнат.

  • „Во однос на прашањето за техничката влада, ние сме на ставот дека треба да се консултираме дополнително со меѓународната заедница, меѓународниот фактор и партнери кои се коавтори на текстот за Пржинска влада – ЕУ и САД. ДУИ го поддржува предлогот за една изборна единица, но со праг од 5 отсто и отворени листи , изјави Ахмети.

Левица предлага соломонско решение, а тоа е припадник на ромската заедница да биде избран за Омбдусман, бидејќи смета дека тоа е најдискриминираната заедница која нема никакви полуги на власта, ниту министри ниту пратеници, освен некој градоначалник.

Градоначалникот на Тетово Билал Касами, кој на средбата ја претставуваше коалицијата ВЛЕН, побарал  со измените на Изборниот законик да се најде можност за поголемо учество на дијаспората во гласањето.

Има свои услови и за Изборниот законик, а барања за ова прашање имаат и од ЗНАМ.

  • „Се заложив за да се овозможи гласање на дијаспората, затоа што се важен чинител и економски многу придонесуваат за земјата. Се отвори тема околу изборните единици, дали да биде една, 3, 8 или да останат 6 како досега. Како и да се одлучи во врска со ова, ние сме за да има отворени изборни листи„, изјави  Касами по средбата.

ЗНАМ поддржува воведување на една изборна единица, која ќе овозможи поголема еднаквост на гласот на секој граѓанин и пофер политичка застапеност. „Ја истакнуваме потребата за прецизно регулирање на финансирањето на политичките партии со цел поголема транспарентност. Истовремено, даваме силна поддршка на законите од реформската агенда. Се надеваме на политички консензус за нив, бидејќи стратешката цел на сите политички фактори треба да биде членството на Македонија во ЕУ„, изјави Бобан Карапејовски, Движење ЗНАМ.

На средбата се разговарало и за евроинтеграцијата, а за дел од темите  ќе се разговара на почести средби во наредниот период. Дел од решенијата за актуелните прашања ќе се бараат и преку пратеничките групи во Собранието.

Далиборка Демјанска

(Живо) Нов изборен законик на пролет, техничката влада „преживеа“ до првите наредни избори – одлуки од денешната лидерска средба

Б.С.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Патувачкото кино на „МакеДокс“ годинава тргнува од Неготино

Дејан Дејан

Гаши загрижен за инцидентот со функционерите на Влен на граница со Албанија

Дејан Дејан

Можно труење со храна во ТИРЗ зоната во Штип – епидемиолошки тим земал мостри од храна и брисеви од работни површини во кујната

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе