Собраниската расправа за буџетот продолжува денеска во 11 часот во големата пленарна сала „Македонија. Во текот на вчерашниот ден расправата помина со серија меѓусебни обвинувања помеѓу пратениците од власта и опозицијата, како и критики во врска со економските политики, степенот на реализација на капиталните инвестиции и третманот на ранливите категории граѓани.
Во своето обраќање пратеничката од редовите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Сања Лукаревска, презентирајќи ги забелешките за Предлог-буџетот за 2026 година оцени дека официјалните бројки не ја отсликуваат целосно реалната состојба на пазарот, нагласувајќи дека поскапувањата продолжуваат да го притискаат семејниот буџет на граѓаните.
– Инфлацијата од 4 проценти во ноември, велите, цените на мало пораснале за 3 проценти. Значи, ако некој од овде во салата не бил во маркет, тоа е негов проблем да види дека цените постојано галопираат. Во делот на реализација на капитални инвестиции, ако ние лажеме, веб-страницата на Министерството за финансии не лаже. Таму стои каква е реализацијата на капиталните расходи, рече Лукаревска.
На обраќањето од Лукаревска, реплицираше пратеничката од владејачкото мнозинство Билјана Кузмановска, која на тезите од опозицијата возврати со „наместо да критикувате треба да застанете исправено и да ѝ објасните на јавноста зошто ја доведовте Република Македонија до ова дереџе“.
– Ги излажавте студентите за ваучерите, им ветувавте, а потоа кажавте дека немало пари. А сега може да има пари. Оваа Влада ќе додели 55.000 ваучери; досега се доделени 33.682 ваучери со вредност од 15.300 денари, затоа што знае дека младите не се статистика, туку приоритет во оваа држава, рече Кузмановска.
