Струмичкиот музеј ќе бара откуп на земјиштето, дел од дворот на семејството во селото Баница каде случајно се откри археолошки локалитет. Целта е детално да се истражи просторот кој навестува богато наоѓалиште. Директорот на музејот вели дека и следната година треба да продолжат истражувањата на локалитетот од римски период каде се откри бања, сауна, која е дел од поголем објект.
„Археолозите таму открија вила од римски период, за којашто се претпоставува дека била сопственост на некоја богата личност од римскиот период. Засега е откриен многу мал дел од тој објект, се надеваме дека наредната година исто така ќе продолжиме со овие истражувања и ќе ни донесат нови сознанија“, вели Бранко Ѓоргиев, директор на Завод и музеј Струмица.
Наоѓалиштето долго време им е познато на стручни лица од музејот. Го открил сопственикот на куќата во Баница, кој го пријавил и дал согласност да се истражи за што станува збор.
„Овој локалитет за првпат се истражува. Откриен е пред околу 13 години, но првпат оваа година го истражуваме и ни даде информација дека се работи за доста голем објект, а ние имаме само дел од него истражено, вели Ѓоргиев.
Досегашниот наоди говорат дека бањата е дел од голем полски имот, Вила рустика, какви што во римскиот период имале само богатите луѓе. Во Македонија има откриено повеќе од дваесет наоѓалишта со Вила рустика во речиси сите делови од земјата.
Сузана Мицева
