Вести Македонија Топ вести

Две постизборни оставки во СДСМ

Кандидатот за градоначалник на Ѓорче Петров од СДСМ, Костадин Ацевски, кој е претседател и на општинската организација, постизборно сними уште едно видео. Во стилот на кампањските видеа, и ова го објави на „Фејсбук“, соопштувајќи им на сопартијците дека се повлекува од партиската функција. Побара неговиот пример да го следи и целото раководство на партијата.

„Иако се вложив целосно, без калкулации, сепак резултатот е лош. Поднесувам неотповиклива оставка од местото претседател на општинската организација. Верувам дека е исправно и потребно оставка да поднесат и претседателот Филипче и целото раководство на СДСМ. Не само заради лошите резултати, туку и заради начинот на дејствување на СДСМ во изминатиот период“, изјави Костадин Ацевски, претседател на општинска организација на СДСМ во Ѓорче Петров.

Но, Венко Филипче нема намера да тргне по неговите стапки. Синоќа објави дека оставка веќе си поднела потпретседателката Ана Чупевска и најави седници на партиските тела.

„Јасно е какви политички и кадровски промени треба да се направат и тие ќе се случат во наредните денови. Ќе има седници на Извршниот одбор и на Централниот одбор на кои ќе ги обзнанам тие промени. Секако, ќе планираме и конгрес на кој ќе се дискутираат политиките за следниот период“, изјави Филипче синоќа.

Разочараните активисти од СДСМ, пак, бараат оставка од Филипче, реформи, нова визија и програма. Особено се лути од внатрешноста кои обвинуваат за ароганција на раководството за кое велат дека ги користи како топовско месо и за политичка трампа, а привилегиите, како членство во управни и надзорни одбори, ги добиваат само одбрани лица. Бараат и партијата да се оттргне од ДУИ, чиј претседател, исто така, нема намера да си поднесе оставка, иако и ДУИ забележа голем пораз на изборите.

И Али Ахмети најави анализа и зајакнување на редовите, но членството и симпатизерите на социјалните мрежи јавно го изразуваат незадоволството и бараат оставки од целото раководство. Бараат реформи и одговорност од Фатмир Бесими, Муса Џафери, Блерим Беџети, Фатмир Дехари, Џеват Адеми и Фатон Ахмети.

„Сите потпретседатели, сите раководители на ограноци, треба да бидат разрешени уште утре. Затоа што ова се луѓето што 20 години се на оваа позиција. Сите треба да си поднесат оставки. Народот не ве сака, народот никогаш не прави грешки. Немој да мислите дека на парламентарните избори повторно ќе излезете на првата линија како досега, ќе го лажете лидерот Али Ахмети како и досега, не дозволивте нови личности да се приближат до лидерот. Не се многу, тоа се пет или шест луѓе кои го доведоа ДУИ во оваа позиција и многу албански активисти не гласаа за партијата поради нив“, пишуваат активисти на Фејсбук.

Обвинуваат и дека раководството никогаш не било блиско со активистите на кои не им кревале ниту на телефон.

Далиборка Демјанска Цветановска

Дигитална обработка: T.Д.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(видео)Најавите за воведување електронско гласање за дијаспората за изборите во 2029 година за Филипче се потенцијален извор на изборни манипулации

Дејан Дејан

Најмалку 188 загинати и над 1500-тини повредени во двата разорни земјотреси во Венецуела – спасувачите трагаат по преживеани низ урнатините

Дејан Дејан

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ игра на картата на национализам и популизам само за да опстане на власт

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе