МЗТ Скопје синоќа рутински и убедливо го совлада тимот на Ангели на гостински терен со 78-55, но актуелниот шампион ќе остане без победата поради технички пропуст. Од Кошаркарската федерација напоменаа дека МЗТ ќе остане и без предвидениот бод што вообичаено им се доделува на тимовите што ќе го загубат натпреварот.
МЗТ на синоќешниот натпревар вклучил играч кој не бил во официјалниот записник. Се работи за Оливер Двојаковски, кој фактички не настапи на натпреварот туку откако влегол на теренот во првата четвртина, веднаш стигнала реакција од записничката маса дека неговото име не е во записникот.
Делегатот на натпреварот не смеел да дозволи играчот да седи на клупата ако не е регистриран во записникот. Од „Куќата на кошарката“ велат дека и покрај одговорноста на делегатот за кој ќе има дисциплински мерки, МЗТ го губи натпреварот со службени 20-0 и шампионот ќе остане без предвидениот бод за поразениот тим.
Од Федерацијата денеска изрекоа суспензии од четири натпревари за делегатите на натпреварите Куманово – Феникс и Пелистер – Маџари, а санкции од четири натпревари, односно два меча има и за судиите на натпреварот Кожув-Гостивар, бидејќи направиле грешки кои директно влијаеле на резултатот.
