Владата го поднесе до Собранието Предлог-законот за измени на Законот за ДДВ, со кој се укинува ослободувањето од данок за увоз на мали пратки до 22 евра од странство.
Со новите правила, сите онлајн нарачки – без оглед на вредноста – ќе подлежат на ДДВ, освен ако не станува збор за некомерцијални пратки меѓу физички лица. Со оваа измена, Македонија се усогласува со европската регулатива, која уште од 2021 година не дозволува вакви ослободувања.
Промената најмногу ќе ги погоди купувачите од платформи како Temu, Shein и AliExpress, каде најчесто се купуваат евтини производи под 20 евра. Иако законот е поднесен, поради локалните избори сè уште не може да се гласа. Очекувањата се дека ќе биде усвоен во средината на ноември, а ќе стапи на сила осмиот ден по објавувањето во „Службен весник“.
