Арина Сабаленка и Аманда Анисимова ќе се соочат во големото финале во женска конкурениција на Ју-Ес Опен.
Бранителката на титулата и прва фаворитка на грен слемот, Сабаленка со пресврт ја победи Џесика Пегула со 4-6, 6-3 и 6-4. За Белорусинката ова ќе биде вкупно седмо грен слем финале во кариерата, четврто на последните пет големи турнири и воедно трето по ред на Ју-Ес Опен.
Во саботното големо финале, Сабаленка ќе се соочи со Аманда Анисимова. Американката исто така е врати од сет негатива за да ја победи Наоми Осака 6-7, 7-6 и 6-3. За Анисимова ова е второ грен слем финале годинава по Вимблдон.
Мечот помеѓу Сабаленка и Анисимова ќе биде реприза на полуфиналето од Вимблдон кога Американката направи изненадување и ја победи Белорусинката. Анисимова не мина добро во финалето на Вимблдон, бидејќи загуби со 6-0 и 6-0 против Ига Швјонтек, па сега ќе има шанса да стигне до својата прва грен слем титула во кариерата.
Вечерва на Ју-Ес Опен се играат машките полуфинални пресметки. Од 21 часот Новак Ѓоковиќ ќе ги одмери силите со Карлос Алкараз, а потоа следува и пресметката помеѓу првиот фаворит Јаник Синер и Феликс Оже-Алиасим.
