Ракометарите на Алкалоид од денеска се во Хановер каде утре ги очекува првиот дуел со истоимената екипа во баражот за пласман во групната фаза во Европската лига на ЕХФ. Тимот предводен од Кирил Лазаров од клупата го доби најтешниот можен ривал, но предизвикот да се надигрува со најдобрите е императив за „сино-белите“.
Алкалоид минатата сезона го освои ЕХФ Купот, третото по ранг европско натпреварување на стариот континент, па оваа натпреварувачка година ќе се испроба еден ранг погоре во Европската лига. Сепак, скопскиот состав немаше среќа во ждрепката и го доби најсилниот можен ривал во баражот за место во групната фаза. Хановер е стабилен бундеслигаш со квалитетни играчи во своите редови и тим кој може да се носи со најдобрите клубови во Европа.
„Сино-белите“ секогаш сакаат посериозен предизвик, па Лазаров сака да го тестира својот тим против посилни ривали. Да потсетиме дека Алкалоид во сезоната 2023/24 играше во Европската лига откако заврши на 2.место во домашното првенство во дебитантската сезона. Сега ќе се обиде повторно да стигне до второто по ранг клупско натпреварување на стариот континент.
Утре натпреварот во Хановер се игра со почеток од 17 часот, додека реваншот во Скопје е на 6.септември во салата „Автокоманда“.
Ако Алкалоид успее да направи сензација и да го елиминира Хановер во Европската лига ќе се натпреварува во рамки на групата Г против тимови како Фредериција од Данска, словачки Татран Прешов и против победникот од шведскиот бараж помеѓу Савехов и Малме.
Фото: Игор Паневски
