Општинските инспектори во Битола тргнаa во лов на нелегални градби, само еден ден по прилогот на Телма за дивоизградените објекти во Потпелистерието. Викендичка во близина на Дихово, сопственост на раководител на општинскиот инспекторат, е меѓу спорните опфатени со контролите, за која во тек се проверки дали градбата е легална. Општина Битола, покрај информацијата до медиумите, испрати и фотографија од куќата со базен. Инспекторот не одговори на телефонските повици, ниту на нашите пораки.
„По допрен глас, извршен е увид и на објект во сопственост на вработен во Општина Битола. Врз основа на констатираната состојба, во моментот се врши проверка на документацијата и утврдување на евентуални неправилности. Доколку, истите бидат утврдени, ќе биде постапено согласно Закон“, соопштија од Општина Битола.
Телма објави дека битолското Обвинителство покрена обвинение за нелегално изграден угостителски објект за свадби на патот кон Пелистер. На прашањата дали општинските инспектори претходно извршиле надзор и дали констатирале неправилности за овој објект, од Општината рекоа дека не можат да одговорат за да не влијаат врз постапката на ОЈО. Сепак, ден по објавување на прилогот, градежната инспекција тргна во контроли, по што Општината, не само што испрати информација до медиумите дека објектот за свадби е дивоградба, туку сподели и фотографија.
„За објектот на излезот од Битола, со инспекцискиот надзор, констатирано е дивоградба, а истиот бил изграден пред 10-тина години, како хала од челична конструкција, покриен со панели и приклучен на електрична мрежа“, наведуваат од Општина Битола.
Во изминатите два дена, надлежниот инспекторат изврши контрола на вкупно девет објекти во Потпелистерието и во Битола. Само еден од нив имал валидна документација.
Емилија Мисирлиевски