По вчерашното турбулентно Собрание на Кошаркарската федерација на Македонија, актуелниот претседател Перо Антиќ успеа да се задржи на позицијата. Мнозинството клубови бараа негова смена, но иницијативата не мина ниту по петчасовното дебатирање поради процедурите и правилниците во Статутот на федерацијата. Денеска се свое соопштение за вчерашните настани се јави и Младен Ѓуроски, кој е кандидат за иден претседател на македонската кошарка. Според него, Антиќ само ја одложил својата смена за неколку месеци.
Ѓуроски кој е предводеник на Иницијативниот одбор за промени во федерацијата има подршка од 39 клубови наспроти седумтте кои сѐ уште се со актуелниот претседател.
„На Собранието дури 39 од присутните 46 членки му кренаа ‘црвен картон’ давајќи му до знаење дека треба да си оди, нешто што порано или подоцна ќе мора да го прифати како реалност“, се вели во дел од соопштението на идниот кандидат за претседател на федерацијата, кој му порача на Антиќ дека веќе го нема легитимитетот поради желбата на клубовите.
Според Ѓуроски, актуелниот прв човек на КФМ само ја одложува својата смена, но понатаму Иницијативниот одбор ќе продолжи да делува се додека не се испочитува волјата на најголемиот дел од клубовите.
„Наша цел не е насилно рушење и правење штета, туку промени во интерес на македонската кошарка, според сите правни и морални норми“, додава во своето соопштение Ѓуроски.
Антиќ доби втор претседателски мандат во март 2023 година што значи дека Иницијативниот одбор може да побара Вонредно изборно собрание две години по реизборот, односно до април 2025 година.
Во продолжение го објавуваме соопштението во целост.
„Перо Антиќ од вчера повеќе не е предводник на македонската кошарка, тоа веќе е јасно како ден. Со убедлив резултат 39-7, членките на Собранието на КФМ се изјаснија дека тој повеќе нема кредибилитет да биде на чело на макбаскетот.
Антиќ можеби формално уште ја има функцијата претседател, но го нема тоа што е најважно – легитимитетот од клубовите, кои јасно му дадоа до знаење дека неговото време е минато и дека се потребни нови луѓе, со свежи идеи кои би го кренале овој спорт на далеку повисоко ниво од сега.
Тој на вчерашниот собир, со грубо кршење на деловникот, за момент избегна официјална смена од позицијата на која се наоѓа, но со тоа не се спаси туку само го пролонгира тоа што го сака огромното мнозинство од клубовите во Македонија.
На Собранието дури 39 од присутните 46 членки му кренаа „црвен картон“ давајќи му до знаење дека треба да си оди, нешто што порано или подоцна ќе мора да го прифати како реалност. Антиќ мора да си замине и поради тоа што дозволи Собранието да се прекине без усвојување на финансискиот извештај на Федерација, што дополнително може да донесе реперкусии за македонската кошарка, а со тоа и за клубовите кои ја сочинуваат.
Нашата борба не застанува тука, таа ќе продолжи сѐ до моментот кога ќе се испочитува волјата на клубовите.
Наша цел не е насилно рушење и правење штета, туку промени во интерес на македонската кошарка, според сите правни и морални норми. Затоа ќе продолжиме легалистички, според Статутот на КФМ и законите на државата, да направиме сѐ за да се испочитува волјата на клубовите бидејќи сите заедно се бориме за подобро кошаркарско утре“, стои во соопштението на идниот кандидат за претседател на Кошаркарската федерација, Младен Ѓуроски.