На 13 декември 2024 година, 53-годишна жена од Охрид пријавила во СВР Охрид дека е жртва на измама со криптовалути, при што загубила 300.000 денари. Според пријавата, измамата започнала по телефонски повик од непознато лице кое и ветило добивка од 16.500 долари преку нејзината претходна инвестиција во биткоин.
Информацијата за случајот ја потврди портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, кој информираше дека се преземаат мерки за расчистување на случајот и идентификација на сторителот.
Според пријавата во СВР Охрид, жртвата добила повик од непознато лице кое и кажало дека вредноста на нејзината претходна уплата во биткоин значително пораснала. Лицето и соопштило дека во нејзиниот електронски паричник сега има 16.500 долари како резултат на растот на биткоинот.
Дополнително, од жртвата било побарано да преземе одредени активности за да може да ја подигне добивката. Според пријавата, лицето и побарало да инсталира мобилна апликација и да има средства на својата трансакциска сметка, што наводно било неопходно за да ги подигне парите.
Верувајќи дека ќе добие значителна добивка, жртвата постапила според инструкциите. Презела мобилна апликација како што и било побарано и подигнала кредит од финансиско друштво, со цел да обезбеди средства на својата трансакциска сметка.
Сепак, откако отишла во банка, жртвата била известена дека парите биле префрлени на сметка на друго лице. Дури тогаш таа сфатила дека е измамена и пријавила во СВР Охрид.
По пријавата на случајот, СВР Охрид започна активности за идентификација на сторителот и за утврдување на околностите под кои се случила измамата.













