Еурофарм Пелистер утре од 20:45 часот го пречекува тимот на Висла Плоцк во рамки на 10.коло во ракометната Лига на шампиони. Битолчани ќе се обидат да дојдат до втората победа во групата А и да се вратат во игра за пласман во плејофот.
„Овој натпреварот против Висла ќе биде многу тежок за нас и потребна ни е сета енергија и максимална подршка“, рече тренерот Раул Алонсо на денешната прес-конференција.
„Висла е тим што се гради за да ја освои Лигата на шампиони и се подобруваат секоја година. Имаат голем проект кој започна пред 6-7 години, а во изминативе две сезони од број 2 во Полска се промовираа во број 1 тим во земјата откако ги добија клучните натпревари со Кјелце. Оваа сезона бодовно можеби не се таму каде што треба, но ги видовме последните резултати против Фредериција и очигледно се враќаат. За нас е исклучително важно да се обидеме да ги победиме, особено дома пред нашите навивачи“, додаде шпанскиот тренер.