Македонската ракометна репрезентација денеска од 17 часот гостува кај Литванија во рамки на 2.коло во квалификациите за Европското првенство во 2026 година. Стартувавме со победа против Естонија на домашен терен во средата, но сега Македонија ја очекува потежок предизвик.
Со две победи од два натпревари и нашиот национален тим ќе биде на чекор до пласман на ново Европско првенство. Но, натпреварот од 1.коло против Естонија на домашен терен нѐ научи дека е многу опасно предвреме да се пресметуваат бодовите. Победивме со 37-33 во средата во „Борис Трајковски“, но играта не беше на нивото на кое сме навикнати да ја гледаме Македонија.
Одбраната беше сериозен проблем, што секако нема да смее да се повтори за денешното гостување во Вилнус. Селекторот Кирил Лазаров направи само една измена во составот во однос на оние кои настапија против Естонија, па шанса за деби во репрезентацијата ќе добие младиот голман Иван Галевски и тоа на местото на Мартин Томовски.
Литванија е во серија од три порази по ред на официјалните натпревари, бидејќи загуби два пати од Унгарија во баражот за Светското првенство во месец мај годинава и во првото коло од евроквалификациите на гостувањето кај Словенија со 36-25. Во истиот термин од 17 часот денеска се игра и вториот дуел во нашата група 1 во кој Словенците ѝ гостуваат на Естонија.
Фото: Игор Паневски