Американецот со македонски пасош Ти Џеј Шортс е прогласен за најдобар играч на 5.коло во кошаркарската Евролига. Плејмејкерот имаше блескаво издание во победата на неговиот тим Париз на гостувањето кај Монако.
Парижаните славеа победа од 87-80, а македонскиот репрезентативец реализираше 28 поени, 10 асистенции и четири скока. Овој ефект беше доволен тој да има индекс од 38 што го прави најкорисен играч во 5.коло од европската елита. Ова е рекорд досега сезонава, бидејќи ниту еден кошаркар во претходните четири рунди немаше толку голем индекс. Очекувано за Шортс ова беше прва ваква награда, но и за еден кошаркар на Париз, тим кој сезонава дебитира во Евролигата.
За потсетување лани Американецот беше прогласен за МВП на сезоната во второто по ранг европско натпреварување Еврокупот, а пред две сезони беше најдобар играч во Лигата на шампиони на ФИБА.