Ракометарите на Алкалоид се пласираа во 3.коло од ЕХФ Купот откако денеска и на реваншот славеа на гостински терен против Драгунас Клаипеда со 31-37. Скопјани имаа и залиха од +11 голови по убедливата победа на домашен терен минатата сабота.
Избраниците на тренерот Кирил Лазаров го потврдија својот квалитет во однос на литванскиот состав и на денешниот реванш. Уште на стартот поведоа со 2-8, а пред крајот на првото полувреме имаа највисока предност од +9 голови разлика. Драгунас имаше добар финиш на првите 30 минути и со серија од 6-1 успеа да намали и на паузата беше 17-21 за Алкалоид.
Клаипеда во вториот дел сериозно го загрози водството на скопскиот состав, бидејќи дојде на само -1 или 25-26. Алкалоид одговори со серија од 0-5 за да ја врати удобната предност што ја задржа до самиот крај за конечни 31-37.
Мартин Серафимов со седум голови беше најефикасен во нашиот тим, а по шест постигнаа Марко Митев, Арно Бинго и Александар Петковски. Иван Галевски на голот имаше 10 одбрани.