Женскиот ракометен клуб Ѓорче Петров за малку не успеа да ја надомести негативата против шведски Хорс на реванш натпреварот од второто квалификациско коло во Европската лига на ЕХФ. „Лавиците“ денеска на реваншот во Скопје славеа победа од седум голови разлика.
Ѓорче Петров победи 26-19, но поради поразот од осум голови разлика на првиот натпревар во Шведска ги заврши настапите во второто по ранг европско клупско натпреварување. По првиот дел избраничките на Симе Симовски имаа само еден гол предност или 13-12. Во второто полувреме полека ја градеше предноста се до самиот финиш, кога дојде и до седум голови разлика. На крајот немаше време за поубедлива победа и прогрес во третото квалификациско коло.
Ивана Дежиќ со 10 голови беше најефикасна во редовите на Ѓорче Петров, девет постигна Есма Муратовиќ, а на голот Главија Лима Габина имаше десет интервенции.
Ракометарките на Чаир пак ќе го продолжат европскиот пат, бидејќи денеска го совладаа Керженг го од Луксембург и по втор пат во 2.коло од ЕХФ Купот. Чаирчанки во салата „Автокоманда“ во Скопје славеа со 32-26, а на првата средба на гостински терен пред една недела беше 26-24 за нашиот тим. Теодора Гулицоска со осум голови беше најефикасна, а Бојана Диневска имаше пет. Магдалена Којовиќ на голот имаше десет интервенции.