Вести Економија Топ вести

Трет мобилен оператор за пониски цени

Агенцијата за електронски комуникации смета дека има простор за трет мобилен оператор во Македонија, но до нив сè уште не стигнало писмото за намери. Кога ќе стигне, ќе ја почнеме постапката за доделување фреквенции, вели директорот Јетон Акику.

Втората по големина унгарска телеком групација 4iG, блиска до премиерот Виктор Орбан, доставила писмо за намери до македонската Влада дека е заинтересирана да влезе на македонскиот пазар за фиксна и мобилна телефонија.

Трет оператор би значел поголема конкуренција. Имаме најдобар интернет во регионот, на Балканот, па и меѓу најдобрите во Европа. Значи ние сепак успеавме, заедно со операторите, да имаме добри услуги, со трет оператор би значело уште подобри услуги. Во таа смисла, добро е да има трет и треба да има трет, и најверојатно тоа би значело намалување на цените. Чиста економска логика – повеќе конкуренција, пониски цени, вели директорот на АЕК Јетон Акику.

Во АЕК велат дека кога ќе се отвори постапката може да се појават и други компании.

„Ако го добиеме писмото од интерес, ние законски ќе треба да одговориме на тоа, да спремиме, да им кажеме на заинтересираните страни кои се условите, и според законската процедура се отвора тендер, може да се појават и други коишто досега не пројавиле интерес, но може да пројават интерес и понатаму. Секој што сака и има намера може да се пријави. Ако се појават повеќе ќе има наддавање, ако се јави само еден тогаш се оди на таа цена што е одредена како почетна“, вели Акику.

Со оглед на тоа што нов мобилен оператор треба да инвестира десетици милиони евра во инфраструктура и да биде трпелив додека да почне да остварува профити, експертите се сомневаат дека цените ќе се намалат. Земји со слична големина како Македонија имаат по три, па и четири мобилни оператори.

Има простор за уште еден мрежен мобилен оператор, бидејќи во моментов, двата мрежни и четирите виртуелни оператори прават на некој начин дуопол, наспроти тоа што треба да биде вистинска конкуренција, нешто што и самата ЕУ во своите годишни извештаи за напредокот го нотира постојано. Цените нема многу да паднат, зашто самите оператори имаат одредени трошоци за инвестиции во својата мрежа. Тие трошоци мора некако да ги оправдаат, но ќе се стабилизира цената на услугите и нема да продолжи тој тренд на зголемување што се наметнува постојано со овој вид на дуопол, вели Стефан Јевтиќ од Институт за развој на електронски комуникации.

Во земјава во моментов има два мрежни мобилни оператори – Т-Мобиле и А1 и четири виртуелни оператори – Лајкамобил, Телекабел, Грин мобајл и М-Тел. Сепак, Т-Мобиле и А1 држат 96 отсто од пазарот на мобилна телефонија.

Во Македонија до 2015 година имаше три мобилни оператори, но тогашните Уан и ВИП се споија во една фирма Уан.Вип, која во 2019 се преименува во А1 Македонија.

По спојувањето, АЕК им одзеле дел од фреквенциите, токму за да остават простор за евентуален влез на трет мобилен оператор.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Жена приведена во Ресен при обид за кражба

Tea Dimkovska

Вајц: ЕУ не бара менување на идентитетите, потребни се доверба и дијалог меѓу Скопје и Софија

Tea Dimkovska

За реконструкција на Владата Димитриевски смета дека ЗНАМ ќе продолжи и сака да менаџира со ресорите во кои е поставен

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе