Министерството за внатрешни работи приведе велешанец кој подметнал пожар на депонија на патот с.Горно Оризари – с.Клуковец. Надлежните веднаш реагирале по претходна пријава на бројот за итни случаи 112, а припадниците на полицијата затекнале лице кое пали автомобилски седишта, при што во непосредна близина бил предизвикан пожар од кој била зафатена сува трева.
Од страна на полициските службеници лицето С.Ц. е лишено од слобода, а предизвиканиот пожар е изгасен.
– По насоки на јавен обвинител од ОЈО Велес, лицето е задржано во полициска станица за понатамошна постапка и по документирање на случајот, од страна на СВР Велес ќе биде поднесена кривична пријава за кривично дело “предизвикување општа опасност”, информира министерот Панче Тошковски.
Тој во фејсбук стстус додава и дека Министерството за внатрешни работи ќе продолжи со активностите под оперативната акција „Пожар 2024“ и апелира до граѓаните да бидат исклучително внимателни кога се движат во природа.

– Секоја активност во насока на намерно или ненамерно предизвикување на пожари ќе биде санкционирана најстрого во рамките на законските норми, пишува Тошковски.
Министерот апелира до граѓаните доколку забележат било какво сомнително движење или активности, веднаш да пријават во најблиската полициска станица или на телефонот 112.
