Повремениот македонски репрезентативец Марио Танкоски од денеска е нов ракометар на најтрофејниот Вардар. Средниот бек изминатите четири сезони го носеше дресот на Еурофарм Пелистер.
Танкоски потпиша двегодишен договор со Вардар и ќе ја засили позицијата на централен бек, откако „црвено-црните“ летово се разделија со Мартин Карапалевски и Косуке Јасухира. Стружанецот ја почна кариерата во својот роден град, а потоа играше за Металург 2 и за првиот тим на Металург.
Вардар вчера потпиша договор со уште еден централен бек, а тоа е Младен Крсманчиќ. Претходно двократниот европски првак се засили со десното крило Мигел Пинто од Португалија, потоа Тунижанецот Ашреф Маргели, како и Украинецот Дмитро Горига.