Вести Македонија

СДСМ во потрага по претседател

До четврток, 6-ти јуни, секој член на СДСМ со најмалку 5 години партиски стаж и членство во некој партиски орган по предлог на Конгресот, може да се самокандидира за претседател. Претседателските кандидатури јавно ги најавија четворица кандидати: Славјанка Петровска, Стефан Богоев, Венко Филипче и Јован Деспотовски, но повеќемина имаат такви амбиции. Некои велат дека нивниот број е дури 13.

Централниот одбор синоќа го усвои Правилникот за критериумите и постапката за изборите. Но информациите што не се најдоа во партиското соопштение говорат дека во салата имало многу празни столчиња и многу остри дискусии длабоко во ноќта. Дел од искусното членство на социјалните мрежи го сподели разочарувањето и сомничавоста во изборниот процес.

-Кој гарантира фер изборен процес? Во светот не постои кредибилен менаџмент – авторитет кој ќе предложи стратешки избор во паника, страв или еуфорија. Тоа не се елементи и услови кога се носат стратешки одлуки. Најмалку што треба е меѓусебно оговарање, озборување или муабети…Македонија може напред само со СДСМ, ама СДСМ со содржина, без клиентелизам и амбиции без подлога. И – 13 кандидати да не одговараат на некој кој не е меѓу нас?, напиша јани макрадули на фб.

Аднан Џафероски напиша па избриша директни обвинувања за криминал и насилство кон раководството на партијата.

-Вечерва во седиштето на СДСМ има повеќе насилници и криминалци од членови на Централниот одбор. Фијаско на криминалното раководство предводено од Ковачевски, Зечевиќ и Петровска.  Криминалецот Зечевиќ наместо да организира насилие за задржување на позицијата, подобро е да даде објаснување колку пари наследи, како се потрошени и зошто пред две недели ја задолжи партијата за нови 1,6 милиони евра?!, напиша аднан џафероски на фб.

Централниот одбор одлучи на 9-ти јуни да се одржи конгрес за отчетност и анализа на слабите изборни резултати. Вонредните внатрепартиски избори се на 30-ти јуни. Ќе гласаат сите што ќе се регистрираат во периодот од 3-ти до 23-ти истиот месец. Првиот пат кога беше применет овој систем на бирање, во 2021-та, се регистрираа 69 илјади гласови а Зоран Заев беше избран со 59 илјади. Димитар Ковачевски беше избран со 38 илјади од запишани 44 илјади гласачи. Оваа година се очекува минимален број пријавувања, што ќе биде уште еден показател за длабоката криза во која е СДСМ по најлошиот изборен резултат во својата историја и само 18 пратенички мандати.

Соња Николовска

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пратениците му скроија пензија на Народниот правобранител Зибери на половина мандат- власта распиша оглас за нов омбудсман

Дејан Дејан

Прво закон за Судски, па кандидат од Вила Водно

Дејан Дејан

Мицкоски и Сиљановска со критики за случувањата во ЕП

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе