Стојанче Ангелов со долг и обемен Фејсбук статус соопшти дека Достоинство излегува од коалицијата со СДСМ.
Вели дека поради неисполнети очекувања за надминување на горливиот проблем со кој се соочуваат се уште необесштетените десетина воени инвалиди и петнаесетина семејства на загинати бранители, во согласност со неговите јавни укажувања и барања од мај минатата година, Достоинство го напушта сегашниот коалиционен партнер.
„Иницијативите на Достоинство поднесени до Владата и Собранието, со кои нудевме решение на овој апсурден проблем, добиваа постојана подршка од страна на премиерот Ковачевски и министерката за одбрана Петровска, но, поради противењето на ДУИ истите не поминаа“ се вели во „Фејсбук“ објавата.
Додава и дека им се заблагодарил на досегашната коректна политичка соработка вклучително и за неговото именување за директор на ЦУК.
„Воедно на генералниот секретар Зечевиќ и на претседателот Ковачевски им предложив, до претседателот на владата, да понудам оставка на мојата позиција директор на ЦУК но од нивна страна тоа не беше прифатено поради што останувам да го предводам ЦУК до формирањето на следната политичка влада“, вели Ангелов.
Минатата недела раководството на Достоинство донело едногласна одлука да ја прифати можноста да влеземе во коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ.
„Во разговорите со ВМРО ДПМНЕ пратеничко место ниту баравме ниту ни беше понудено. Нашиот фокус како репрезент на македонските бранители од 2001 година не е освојување на пратеничко место туку барање на решенија за проблемите на припадниците на безбедносните сили, учесници во одбраната на Македонија во 2001 година како и борба за нивните права“, се вели во објавата.
Се додава и дека партијата на Ангелов никогаш не менува страна. Од формирањето во 2007-та, најпрво како Здружение, а од 2011-та и како партија, па се до денес, Достоинство останува на иста страна, на страната на македонските бранители од 2001-та.