По Упатството на министерот Кренар Лога, пред Уставниот суд „падна“ и делот од Законот за матична евиденција, кој предвидува графа националност во матичните книги за родени, венчани и починати лица. Судиите сметаат дека националната припадност е лично чувство, емпириски непроверлив податок и слобода на изразување утврдена со Уставот, кој може и да се менува по слободна волја. Компаративната анализа покажала дека нема држава во која изразувањето националност е задолжително.
Изречена е и времена мерка за неприменување на законот. Оваа графа почна да се пополнува со одлука на министерот за правда Кренар Лога во мај годинава. Тој самиот се пофали на социјалните мрежи со новиот извод во кој пишува дека е Албанец. Објави и упатство, по што, матичните служби почнаа да издаваат изводи за родени, венчани и починати лица со нивната национална припадност. Судот го стопираше по сопствена иницијатива бидејќи упатството не било издадено во законскиот рок од 7 дена. Партијата Левица го оспори и Законот за матична евиденција, кој дава основа за вакво упатство. Конечната одлука на судот ќе биде донесена во наредните месеци.
Соња николовска
