Вести Македонија Топ вести

Фрли донацииче, фати тендерче

Градежната фирма „Еуровиа“, чиј сопственик и неговите други компании се меѓу најголемите донатори на владејачката ДУИ, во изминатите три години добила државни тендери во вредност од над 10 милиони евра.

Податоците на Бирото за јавни набавки покажуваат дека тендерите најчесто ги добиваат од институции предводени од кадри на ДУИ. Само од почетокот на годинава, фирмата се офајдила за шест милиони евра.

Клупи за седење во Гостивар, водовод и канализација, чистење автопати и реконструкција и изградба на државни објекти се само дел од тендерите што ги добилe во изминатите три години.

„Еуровиа“ и нејзиниот сопственик Елмедин Адеми влегоа во фокусот на јавноста откако фирмата го доби тендерот од 1,8 милиони евра за преадаптација на спортскиот центар „Борис Трајковски“ заради Самитот на ОБСЕ што треба да се одржи во декември. Тендерот го организираше Министерството за надворешни работи (МНР) со кое раководи Бујар Османи, кадар токму на ДУИ. Османи негираше политичко влијание при изборот, а неговиот колега Артан Груби денеска побара да не се прави „лов на вештерки“.

„Ако има каков било сомнеж или најмала злоупотреба во која било процедура, институциите да го спроведат законот и да бидат одговорни сите пред законот, но не да правиме лов на вештерки и да оцрнуваме и луѓе, и институции, и компании“, изјави Груби.

Антикорупциска уште пред неколку дена најави дека ќе проверува дали има злоупотреби.

Во изминатите три години, Елмедин Адеми и фирмите блиски до него – „Еуровиа“, „Виаком“, „Скрин медиа“, „Талента“, „Енеа“ и „Адел“, ѝ донирале на ДУИ скоро 160 илјади евра, од кои 100 илјади евра само лани.

Законот забранува политички партии да се финансираат од „приватни претпријатија кои во моментот на давање прилог за политичката партија вршат јавни услуги за државни органи или за јавни установи, претпријатија и фондови по пат на договор“.

Адеми негираше дека токму таа Еуровиа донирала со оглед на тоа што има повеќе фирми кои го содржат тоа име, но се дел од поголема групација. Така, смета тој, не е прекршен законот. Адеми најави дека нема да се откаже од тендерите, зашто неговите компании имаат 250 вработени, кон кои има морална обврска.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Молк за жртвите, пароли за правда и порака – „Системот е следен“

Дејан Дејан

Не сум сигурен дека ќе нема реконструкција во владата до локалните избори, смета Арсовски

Дејан Дејан

Рано е за предвремени избори, смета политикологот Божиновски

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе