Доби ли фракцијата – фракција? „Огнената група“ што делуваше фракционерски во ДУИ не е единствена околу одговорот на прашањето, дали конечно да се отцепат од партијата и да формираат нова? Актуелните и поранешни функционери, Блерим Беџети, Муса Џафери и Невзат Бејта не ја поддржуваат идејата на Изет Меџити и Висар Ганиу, да формираат ново политичко движење.
За Беџети комуникацијата со партиската база, односно актуелното раководство на ДУИ не е завршена. Во огранокот во Сарај немаше нови внатрепартиски избори, но доколку се направат, вели дека би го пререгистрирал своето членство во партијата. Сепак, вели, ги почитува ставовите на тие кои мислат поинаку.
За разлика од него, Меџити деновиве објави фотографија од Гостивар на која е заедно со Висар Ганиу и други истомисленици, кои сметаат дека цената е платена и дека сите врати во ДУИ за нив се затворени. Следен чекор, изјави, е да се отвори нов пат со ново политичко движење кое ќе делува опозициски.
На средбата, присутните дури и избраа нови координатори на ограноците во Гостивар и Чаир, за првата и втората изборна единица.
Далиборка Демјанска Цветановска













