Молк во ДУИ по опозициските обвинувања за штитење криминал. Одговор не дадоа ниту кога ВМРО ДПМНЕ ги нарече канцер на македонското општество.
Опозициската партија дошла до заклучок дека кадри на ДУИ се инфилтрирани во судството и во обвинителството со единствена цел – да ги штитат криминалните активности на функционерите од оваа партија. Во случајот „Мерко“, прв што требало да реагира, е шефот на Обвинителството за организиран криминал, Ислам Абази, велат од ВМРО ДПМНЕ.
Партијата бара реакција и од Антикорупциската комисија, и од министерот за правда и од шефот на обвинителството во Струга и од Вишото обвинителство во Битола. Се сомневаат во нечесни бизниси поврзани со, како што велат, „кланот Ахмети“. ВМРО ДПМНЕ открива уште еден бизнис, но за државна компанија, на внукот на лидерот, Дрин Ахмети. Преку фирмата – човек „Еверест џиди“, ископува варовник за ЕСМ, вели Ели Панова од ВМРО ДПМНЕ.
СДСМ смета дека ВМРО ДПМНЕ треба малку да погледне „во сопствениот двор“ и ја смета за партија која криминално стекнала имот врз грбот на граѓаните.
-Со денови ВМРО ДПМНЕ ги прозива судските институции но никако да праша во која фиока се случаите за Белата палата, Делчевски ниви и Моќник. Тоа е партија со бројни судски пресуди за долгогодишни затворски казни, стотина осудени сегашни и поранешни партиски функционери, меѓу кои и за злосторничко здружение. Од скромна Жолта куќа, стигнаа до вазни од 180 илјади евра, подни плочки од 100 илјади евра и лустери од 20 илјади евра, се вели во реакцијата на СДСМ.
Од ДУИ речиси целосен молк. Зафатени се со внатрепартиски избори и со справување со крилото на „огнените“. Единствената партиска реакција беше апел до институциите да почнат сеопфатна истрага и прекин на изборните активности во Струга, додека Рамиз Мерко ги замрзнува партиските функции. Во земјава, за градоначалникот Мерко нема ниту една пресуда, но пред шест дена Стејт Департмент го стави на Црната листа поради „бесрамна корупција, злоупотреба на јавни фондови и влијание врз судски предмети“.
Соња Николовска
