„Огнените“ ќе бијат битка на домашен фронт. Со нови, демократски оружја, против истите непријатели – министрите од ДУИ. Не го послушаа партискиот лидер, кој изјави дека фракции не постојат во ДУИ и од денеска и официјално ќе делуваат фракционерски.
Одговарајќи на прашањето дали со ваквиот чекор може да бидат казнети и исклучени од партијата, велат дека други треба да ја понесат вината или казната за настанатата ситуација. Во ДУИ, како што потенцираа, постојат двојни стандарди за дебата и одлучување.
Од фракцијата излегоа и со неколку свои предлози за понатамошното политичко делување на партијата. Поддржуваат бришење на процентот 20 отсто Албанци во уставот, бараат измени на Изборниот законик со кои и дијаспората ќе може да гласа електронски, со Законот за игри на среќа, казината да се изнесат надвор од населените места и се противат на зголемувањето на платите на функионерите, а се за зголемување на платите на администрацијата.
Засега немаат намера да формираат нова партија. Велат дека имаат на располагање уште многу демократски механизми за да ја добијат битката во ДУИ.
Далиборка Демјанска













