Иако се очекуваше дека по завршувањето на Светскиот куп во Катар, Кристијано Роналдо ќе се повлече од настапите за репрезентацијата на Португалија сепак тој и покрај фактот што е длабоко навлезен во четвртата деценија од животот реши и натаму да биде дел од националниот тим.
Доколку се најде во составот на вечерашниот натпревар со Лихтенштајн, Кристијано Роналдо ќе го собори светскиот рекорд по бројот на настапи за репрезентацијата.
За 38-годишниот Португалец ова би бил 197 натпревар во националниот тим со што ќе го собори рекордот на Бадер Ал Мутава од Кувајт.
“Имам уште многу да и дадам на репрезентацијата. Немам некои долгорочни планови околу настапите на Европското и Светското првенство, но јас сум се уште тука, а рекордите ми даваат дополнителен мотив за да настапувам за националниот тим”, рече Роналдо.
Покрај вечерашниот натпревар со Лихтенштајн, Португалија в понеделник ја очекува и гостување во Луксембург.
ФОТО: Игор Паневски