Рокот за доставување на понуди за купување на Манчестер Јунајтед измина на полноќ и во конкуренција останаа катарскиот шеик Јасим бин Мохамед Ал Тани и британскиот милијардер Џим Ретклиф.
Тоа се двете понуди кои до овој момент се јавно објавени, но и доколку постои интерес од други купувачи се чини дека битката за преземање на клубот од Олд Трафорд ќе со води меѓу нив двајца.
“Испратена е понуда за откуп на 100% од акциите на клубот. Сакаме да ја вратиме старата слава на Манчестер Јунајтед на теренот и надвор од него. Имаме визија како Манчестер Јунајтед да стане најголем и најпознат фудбалски клуб на светот”, пишува во понудата од страна на катарската банка која е доставена и до медиумите во Велика Вританија.
Од сопственикот на компанијата Инеос и човекот кој го има управувачкиот пакет на акции во Ница, Ретклиф се уште нема реакција, тој пред неколку месеци рече дека е голем навивач на Манчестер Јунајтед и дека сака да го врати клубот на старите патеки на успехот.
Неофицијално сумата што ја понудиле Катарците изнесува 5 милијарди евра додека се уште не е познато колку нуди Ретклиф за преземање на клубот од Олд Трафорд, но се шпекулира дека актуелните сопственици, семејството Глејзер очекува да инкасира околу шест милијарди.
ФОТО: Игор Паневски
