Вести Македонија Топ вести

Наместо осуда на Ахмети, напад на уредувачката политика на Телма

ДУИ и СДСМ и нивните лидери во оркестриран напад на Телма. Али Ахмети ја обвини дека е „непријател на албанците“, а Димитар Ковачевски, наместо да се огради од вакви напади врз медиумите, ја осуди уредувачката политика.

„Сигурно господинот Ахмети таа изјава ја дал врз основа на одредени факти и за објаснување ќе треба да го прашате него. Јас имам свое лично мислење“, изјави Ковачевски. Запрашан какво е тоа мислење, и дали телевизиите Телма и Алфа се однесуваат „антиалбански“, одговори:

„Во државата има медиум чија уредувачка политика која повеќе наликува на политиката на една компанија која тргува со енергенси, а има и медиум чија уредувачка политика повеќе личи на уредувачка политика на партиски сектор за комуникација“.

Присутните новинари гласно изреагираа на избегнувањето директно да се именуваат медиумите на кои премиерот јасно и препознатливо алудира. Но, упатија и опомена дека ова е напад на сите медиуми и дека не смее да се врати времето кога некои медиуми беа етикетирани од страна на Владата.

Милка Смилевска од Ал Џезаира се почувствува засегната. Го потсети Ковачевски дека една година е премиер и дека сигурно веќе е свесен за силината на позицијата што ја има и пораките што ги испраќа од таа позиција.

„Нападот врз два медиуми не е во ред. Тоа е напад врз сите медиуми и врз сите нас. Се чувствуваме загрозено. Вашата политичка моќ наспроти моќта на медиумите е несразмерна. Голем дел од новинарите и медиумските работници тука бевме сведоци на едно време кога бевме многу етикетирани и се чувствувавме загрозени. Голем дел од нас дадоа голем придонес за да се надмине тоа време и да дуваат малку подемократски ветришта. Верувајте дека нема да дозволиме да се  врати тоа старо време. Македонија во демократијата треба да оди напред а не да се враќа назад“, рече Смилевска.

„Првин, вие сте свесни дека ние сме држава која има апсолутно унапредена транспарентност од 100%. Многу сум свесен за тоа. Не спомнав ниту еден конкретен медиум. Друга работа е ако некој се препознал. Второ, никогаш не се случило новинар или уредник од мене да добие телефонски повик. И, така ќе биде и во иднина. Јас, заедно со вас, нема да дозволам да се врати тоа време.“, одговори Ковачевски.

Ковачевски не е првиот премиер што етикетира медиуми, прозива за пристрасно и непрофесионално известување и врши притисок врз слободата на изразување. Изминативе години тоа веќе го правеа поранешните премиери Никола Груевски и Зоран Заев, кои гледаа „непријатели“ и „политички опоненти“ во некои медиуми.

Соња Николовска

Соња Николовска

Оркестриран напад врз Телма од премиерот Ковачевски и лидерот на ДУИ Ахмети – Реакција на Телевизија Телма

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

СЗО: Осаменоста предизвикува многу болести кај луѓето

Дејан Дејан

Бензините поевтинуваат за два денара, дизелот за денар – на полноќ паѓаат цените на горивата

Дејан Дејан

Пожар на глисер закотвен во Студенчишкиот канал во Охрид

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе