Аријан Адеми ќе продолжи да игра за македонската фудбалска репрезентација. Тој не беше дел од националниот тим за време на натпреварите во Лигата на нации што доведе до шпекулации дека ќе се пензионира од македонскиот дрес.
Капитенот на Динамо Загреб, во интервју за хрватскиот портал, „германијак“ потврди дека планира и во иднина да игра за Македонија. Адеми последен пат настапи за Македонија во баражот за Светското првенство против Португалија. Ги прескокна сите натпревари во Лигата на нации во јуни и септември во кои репрезентацијата воопшто не се прослави.
Неговото отсуство се почувствува, но големиот борец од средниот ред вели дека ќе биде на располагање за стартот на квалификациите за Европското првенство 2024 година.
„Одлучив да продолжам да играм за репрезентацијата. Имам желба, можам и сакам. Разговарав со селекторот, тој сака да бидам таму и дефинитивно ќе бидам“, изјави Адеми.
„Тешко е да се збогувам, бидејќи луѓето таму се одлични, играме за својата земја, се пласиравме на минатото Европско првенство, а сакаме да го повториме тоа уште еднаш. Иако сме во навистина силна група“, додаде репрезентативецот.
Македонија во квалификациите за континенталниот турнир е во групата Ц заедно со фаворитите Англија и Италија, потоа Украина и Малта. Во првото коло на 23 март ја пречекуваме Малта.
ФОТО: Игор Паневски
