Барикадите на северот од Косово, поставени од страна на српското население, започнаа денеска да се отстрануваат, откако српскиот претседател Александар Вучиќ соопшти дека добил цврсти гаранции од САД и ЕУ дека ќе се прифатат барањата на Србите како и дека ќе се гарантираат нивните права од страна на приштинските власти.
Вучиќ, исто така, ја укина и состојбата на борбена готовност на српската армија, која ја воведе пред три дена. Вчера во домашен притвор беа пуштени двајца од полициските службеници кои беа уапсени од косовската полиција поради подготвување напади на канцелариите на државната изборна комисија.













