Пратениците годинава активно работеле само 88 дена. За тоа време одржале 39 нови седници, а за продолженијата од минатата година – 50. Голем број закони се заглавени по собраниските комисии, меѓу кои предничи комисијата за образование и наука, каде има десет незавршени точки.
Следуваат комисите за здравство со девет, за политички систем и односи меѓу заедниците, за надворешна политика и за надзор над мерките за следење на комуникациите со по осум точки и за финансирање и буџет со седум закони. Собранискиот спикер за ова ги обвинува пратеничките групи и нивните координатори, особено опозицијата.
Сепак, незавршената работа не е пречка пратениците да добијат мини зимски одмор. Првата нова седница е закажана дури на 10 јануари.
Џафери ги отфрла обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, дека одредени одлуки не се носени врз основа на Деловникот.
За евентуални предвремени избори напролет во корист на уставни измени, спикерот смета дека треба да се види дали е тоа во полза на процесот кон ЕУ и интересот на граѓаните „па макар тоа било пазарот“. Не гледа потреба од средба претседател на Собрание – премиер, затоа што смета дека, кога ќе се обезбеди двотретинско мнозинство, тој ќе ја почне процедурата.
Далиборка Демјанска Цветановска













