Наредната недела Алијанса за Албанците ќе ѝ го испорача на Владата својот пакет услови. Од нив никој официјално не побарал да станат дел од власта, но се очекува да ги поддржат уставните измени. Алијанса нагласува дека поддршката нема да биде безусловна. Своите барања прво ќе им ги претстават на странските амбасади во земјава, а потоа и на јавноста. Не е за криење дека процентот зад кој во Уставот се крие албанскиот јазик – сакаат да се замени со јасни зборови.
Паралелно, владеачките партии се обидуваат да обезбедат двотретинско мнозинство за внесување на Бугарите во Уставот, како услов за продолжување на пристапниот процес во ЕУ. Изминатава недела, претседателот на ДУИ, Али Ахмети се сретнал со претседателот на ДПА и пратеник, Мендух Тачи.
Во овој парламентарен состав нема 80 пратеници за менување на Уставот. ВМРО-ДПМНЕ неколку пати потенцира дека не прифаќа условување од Бугарија. За отварање на првите поглавја, во рок од една и пол година во Преамбулата треба да се додадат и Бугарите. Владата е подготвена заедно со нив, да ги додаде и Хрватите, Црногорците и Евреите. Конкретен предлог за старт на уставните измени сè уште нема. Кога ќе дојде, треба да биде изгласан во Собранието со најмалку 80 гласови.
Соња Николовска













