Пладневното кафе претседателот на Алијанса утре повторно ќе го пие кај премиерот. Иако со денови се шпекулира дека главна тема се министерските позиции што ќе ги добијат, Таравари тврди дека, првин од папката ќе извади програма, а од нејзиното прифаќање ќе зависи дали на дневен ред ќе дојдат и министрите.
Таравари не откри за какви барања се работи, ниту дали со нив ја условуваат поддршката за уставни измени. Во јавноста, сепак, се шпекулира дека „Алијанса„ ги посакуваат министерските функции во Здравство и Правда, кои сега ги држат „Алтернатива„ и СДСМ. Но Гаши одбива да даде свое министерско место.Од оваа партија велат дека се конзистентни во својата позиција и не сакаат да навлегуваат во мотивите, зошто Алијанса толку сакаат да влезат во владата, дали е тоа за спас на ДУИ или е услов за уставни измени. Но, сметаат дека голи политички пермутации, без да се земе предвид како тоа ќе влијае на ЕУ интеграциите, ризикуваат да го намалат политичкиот потенцијал во општеството.
Министерот за правда, пак, тврди дека, не е запознаен со преговорите и за нив се информира од медиумите.
Доколку, сепак, СДСМ ја отстапи функцијата во Правда, ќе се наруши етничкиот баланс. Таму и заменик-министерот е Албанец, а генералниот секретар е од ромската заедница, што значи дека на раководна позиција нема да има Македонец. Ова е причина за противење и на помалите партнери во власта, кои инсистираат да се почитува амандман 6 од уставот, во спротивно, нема да поддржат реконструкција.
Премиерот денеска изјави дека е свесен за потребата од етнички баланс и дека тој треба да остане како и до сега. Во моментов во владата има 8 министри Македонци и 8 Албанци, а соодносот е ист и кај вицепремиерите, кои се два со два.
Сите тие, денеска и утре даваат отчет на конференција насловена како „Година на нови можности„. По примерот на еден негов поранешен колега, кој од министрите бараше јавен отчет пред камери, Ковачевски настанот го организираше во елитен скопски хотел, со најавувачи и модератори. Не знаеше колку пари ќе бидат потрошени за настанот, но рече дека е добро што се организира, за да можат сите да видат што постигнала и што планира понатаму владата.
Далиборка Демјанска Цветановска













