Расте бројот на деца со аутистичен спектар на нарушувања. Раната дијагностика е клучна во целиот циклус на интервенција и третман, вели Лепа Георгиевска, логопед во скопскиот центар „ Во мојот свет“ каде во моментов работат со над 70 деца.
Надвор од нашите граници тоа се прави многу рано. Се таргетираат ризик групи каде што се знае дека можно е да се развијат некои потешкотии, нарушувања, проблеми во развојот на јазикот и на говорот, во целосниот развој на детенцето и се почнува многу порано. Дури и кај бебињата се почнува со стимулација, кај нас за жал се уште е рано за такво нешто, вели Лепа Георгиевска од Здружението за поддршка и третман на лица со аутистичен спектар и атипичен развој.
Најважно е да се подигне јавната свест, соработката на родителите со педијатрите, матичните лекари и сите надлежни институции. Доколку се има предвид инклузивноста, дополнителен проблем е и недостигот на образовни асистенти кои ќе работат со овие деца за време на наставата .
Понекогаш се случува да се даде еден образовен асистент на неколку дечиња, а многу често остануваат и без асистент кои всушност треба да бидат обезбедени од државата. Па родителите посегнуваат по тоа сами да ги плаќаат образовните асистенти . Меѓутоа знаете на целиот трошок кој тие го имаат да ги носат своите дечиња на различни третмани треба да го платат и асистентот и тоа е тешко. Мислам дека таму треба повеќе да се поработи. Јас ги охрабрувам сите колеги знам дека е тешко да се работи на почеток како образовен асистент, меѓутоа е многу убаво искуство за понатаму во животот, вели Георгиевска.
Според Министерството за образование и наука во моментов се ангажирани 720 образовни асистенти согласно искажаните потреби на родителите/старателите на овие ученици во основните училишта. Во Здружението за поддршка и третман на лица со аутистичен спектар и атипичен развој беше промовиран прирачникот ДАНДАН КОНЦЕПТ кој има за цел да ги надгради досегашните знаења и вештини кај професионалците кои работат со лица со аутистичен спектар на нарушувања.
Нина Стефанова













