Во предизборен убедувачки поход тргна од Крушево и го вети својот максимум за Македонија – претседателскиот кандидат на ЗНАМ, Максим Димитриевски ја почна кампањата со ветување запишано во изборниот слоган.
„Максимум за МАКЕДОНИЈА“ е движечкото мото на неговиот карван, а „Манифест за Македонија“ е насловот на програмата што очекува да го одведе во Вила Водно.
Документот содржи пет стратешки начела и пет приоритети. Првиот е формирање на специјален експертски ЕУ тим за адаптација на преговарачката рамка со фокус на историските прашања, вториот формирање на специјален правен тим за неправдите врз македонските организации во Бугарија.
„Трет приоритет, во првите 200 дена ќе предложиме уставни измени за внесување на Хрватите, Црногорците и Бугарите во преамбулата со одложена правна важност, кои ќе стапат на сила истиот момент кога МК ќе стане полноправна членка на ЕУ“, порача Максим Димитриевски.
Во приоритетите на Димитриевски е избор на јавен обвинител со двотретинско мнозинство на предлог на опозицијата, со мандат од шест години. Ќе бара и уставни измени кои би спречиле апсолутна застареност на кривичните дела сторени од страна на државни функционери. Караванот со пораките на претседателскиот кандидат на движењето ЗНАМ ќе заврши во Струмица на 22 април. Димитриевски најави и два помасовни собири во текот на кампањата.
Весна Јовановска Дојчиновска













