Едните велат дека го штитат уставниот систем, другите – деловничката постапка. СДСМ и ВМРО ДПМНЕ со спротивставени мислења околу процедурата за избор на двајца уставни судии.
Опозициската партија смета дека власта го крши Деловникот, обидувајќи се да избере двајца наместо тројца судии, како што стои во Одлуката. Бара точката да се тргне од дневен ред и да се почека Комисијата за избори и именувања да ја заврши расправата околу предлогот Љубомир Јовески да биде уставен судија. Предлогот сега да се гласа за кандидатите Фатмир Скендер и Татјана Васиќ-Бозаџиева, а дополнително за Јовески, го сметаат за отфрлање на Деловникот, откако тоа било сторено со Етичкиот кодекс.
СДСМ се сомнева дека опозицијата има намера да предизвика уставна криза. Потсетува дека расправата за уставни судии почнала во јуни 2021 и сè уште е далеку од завршување. За власта е неспорно да се гласа за двајцата судии кои комисијата веќе ги утврдила како кандидати бидејќи гласањето се врши поединечно.
Во комисијата збор чекаат уште 18 пратеници од ВМРО ДПМНЕ. Земајќи предвид дека Уставниот суд предолго работи во нецелосен состав, а од ноември Судот ќе стане нефункционален бидејќи останува со четворица од вкупно 9 судии, претседателката на Комисијата Марија Георгиевска вчера упати допис до спикерот Талат Џафери и побара да се изберат барем двајцата веќе утврдени кандидати. Поради тоа, ВМРО ДПМНЕ ќе `и поднесе интерпелација, а најавува и кривични пријави за сите инволвирани.
Соња Николовска













