Идејата потекна од Бранко Црвенковски. Пред локалните избори во 2013-та година, во друштво на Јани Макрадули и Андреј Петров првпат тропна на врата кај гласачи.
Како што е редот, кога се оди на гости, однесоа кафе, благо и се разбира, промотивен материјал.Посетија уште многу семејства, беа дочекувани со „Џони Вокер“, негде останаа и на вечера, но резултатот на крај беше поразителен – само четири освоени градоначалнички мандати.
Праксата, збогатена со локум, ја продолжија и на следните избори кои повторно ги изгубија, но третиот обид „Од врата на врата“ успеа.
Во 2016-та победија и оттогаш, пред секои избори по 6 илјади тимови одат на гости кај гласачите.
Подоцна идејата ја преземаа и од ВМРО ДПМНЕ и ДУИ. Иако оваа година не е изборна и владејачките партии упорно тврдат дека нема ни да биде, сите се на терен веќе со месеци.
СДСМ кампањата ја засили деновиве, откако тргнаа „Рамо до рамо со граѓаните„ во црвени елеци.
Новиот изглед на социјалните мрежи беше дочекан со хумор.
Првиот впечаток и на социолозите им бил дека се работи за некоја шега. Сметаат дека оваа кампања,чија цел е нејасна а се случува во време на зголемени плати на функционерите, корупција и недоверба во судството, може да има само контра-ефект.
Ацески укажува дека времињата на таквите кампањи се минато. Граѓаните се сменети и се потешко е да бидат убедени во нешто во што не веруваат, особено кога самите се во тешка економска ситуација.
Далиборка Демјанска Цветановска













