Централниот регистар го анализира предметот за регистрирање на здружението „Цар Фердинанд“ во Богданци. Во Централен регистар има поднесено пријава за регистрација, пријавата е во постапка на разгледување, велат од таму. Дали можеле да го одбијат регистрирањето на веќе одобреното здружение „Цар Борис Трети“ за кое во петокот се отоври и клубот во Охрид, поради контровезно име на соработник на фашизмот од оваа институција ни одговрија:
Согласно Законот за здруженија и фондации и Законот за едношалтерскиот систем, Централниот регистар ценел дека се исполнети условите за упис на здружението и донел решение за упис на здружението во Регистарот на други правни лица, велат од централниот регистар.
Со именувањето на клубовите по Цар Фердинанд и Цар Борис тенденцијата на Бугарија е да ја поврзе бугарската со македонската историја, смета историчарот Митко Панов.
Третото спорно бугарско здружение „Цар Фердинанд“ најверојатно ќе биде првото за кое ќе заседава ад хок телото за употреба на имиња на историски личности на здруженија. Но, за да се состане по овој повод советодавно тело, потребно е до Министерството за правда да се поднесе барање за мислење.
Ова тело беше неодамна формирано за да го пополни вакумот до носењето на нов закон за здруженија и фондации кој иако беше најавуван уште пред неколку месеци сѐ уште е во почетна фаза на подготовка. Најдоцна до крајот на октомври ќе биде објавен на ЕНЕР каде сите заинтересирани лица ќе можат да дадат забелешки и сугестии по што ќе следат и јавни расправи, најавија од Министерството за правда.
Од петокот во Собранието е предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за менување на овој закон, со кој велат ќе се спречи идно формирање на квази културни клубови, но и да се реагира за актуелните спорни здруженија.
Елена Ивановска Мукоска













