Зошто владата прикажала друг предлог закон за заштита на Охрид?

Вметнувањето на Бадентеровиот механизам во законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион, ќе создаде простор за локални моќници директно да влијаат на сите препораки, предлози и мислења што ќе ги носи овој Совет и повторно ќе се реализираат штетни инфраструктурни проекти,  кои ќе значат понатамошно уништување на Охридскиот регион и со сигурност ќе бидат причина за губење на статусот на УНЕСКО во 2020 година, предупредува невладиниот сектор.

„Сметаме дека ваквиот начин на носење одлуки на Советот за Охридскиот регион не е во согласност со Охридскиот рамковен договор, бидејќи Бадентеровиот принцип на донесување одлуки се воспостави за да се избегне надгласувањето на помалите етнички заедници за сметка на мнозинството во претставничките тела, како Собранието и советите на локалната самоуправа, каде избрани претставници носат одлуки во името на граѓаните. Во конкретниот случај се работи за стручно тело со советодавна улога, кое дава мислења, препораки и предлози заради зачувување на природата и културното наследство на Охридскиот регион, но не донесува одлуки!“, велат од Коалиција на невладини организации.

Невладините не се согласуваат ниту со критериумите за евиденција на дивоградбите во Охрискиот регион. Тие тврдат дека нив ги има 10 пати повеќе од запишаните 1076 во Регистарот за дивоградби што го изработи општината и дека истите се легализирани со законот за легализација. Поради својата атрактивност во Охрид години наназад имаше урбанистичка експанзија што придонесе за дел од препораките на УНЕСКО, но не e точно дека се се’ градело незаконски и на диво, тврди градоначалникот Георгиески.

Според Георгиески, проблемот е што законот за легализација изработен од владата на ВМРО ДПМНЕ не го третира Охрид како заштитено подрачје, туку како и секое друго населено место во земјата, што е причина за појава на злоупотреби со штетни последици кои го загрозуваат светското природно и културно наследство заштитено од УНЕСКО.

Горан Момироски

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ