(видео) Зоран Милевски Кичеец призна вина

Еден од обвинетите во случајот Рекет, Зоран Милевски Кичеец, призна вина на денешното прво рочиште на судењето. Милевски беше обвинет за делото примање награда. Тој и Боки 13 од домот на бизнисменот Орце Камчев во скапа чанта изнесоа 500-тини илјади евра. Во моментов има пауза на судењето, за да се раздвои постапката, по што ќе треба судењето да продолжи, но без него.

Судењето продолжува со воведни зборови на обвинителството и одбраната на Катица Јанева и на Бојан Јовановски.

Во меѓувреме, лекарот Михаил Толев на излегување од Кривичниот судот кажа дека Бојан Јовановски – Боки 13 се жалел на болки во стомакот и на вртоглавица. Според лекарот, тоа е последица на стресната ситуација, поради што му дале инекција „дијазепам“. Додаде дека свесно може да може да продолжи да го следи судењето.

Полномошникот на Јордан Камчев рече дека Камчев се приклучува кон обвинението и бара оштета од 1,5 милиони евра.

Судот на почетокот на рочиштето не ги прифати предлозите на одбраната за издвојување на аудио доказите од телефонот на Јордан Камчев и видео материјалите од Боки 13, како и за одржување на подготвително рочиште за подобро запознавање на предложените докази и произнесување на одбраната по нив.

Обвинителката Вилма Рускоска рече дека за ова кривично дело не може да има оштетени, може да има само сведоци во постапката.

Судот го извести полномошникот на Камчев дека во постапката може да присуствува како јавност и дека доколку смета може да поднесе постапки за оштета.

Јовановски во меѓувреме се пожали дека и по инекцијата се уште му е лошо, на што судијката рече дека лекарот од Брза помош констатирал дека тој може да продолжи да го следи судењето.

Судењето продолжува со воведни говори.

Бојан Јовановски рече дека го разбрал обвинението, но оти не се чувствува виновен за двете кривични дела.

Катица Јанева исто така го разбрала обвинението, но не се чувствува виновна.

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ