„ Зојкиниот стан“’ за луѓето жртви на општествените промени

Една година по премиерата на матичната сцена, претставата на Белградско драмско позориште „ Зојкиниот стан“, сношти беше изведена пред  публиката во МНТ. Претставата по текстот на рускиот автор, Михаил Булгаков, ја постави режисерката Наташа Поплавска. Како што вели таа, сакала да го прикаже животот на луѓето, притиснати од општествените промени.

Напишана пред еден век од Булгаков, а актулена и денес. Претставата „ Зојкиниот стан“, која зборува за луѓето во услови на општествени промени, ги прикажува нивните настојувања кон подобар живот. Режисерката Поплавска, чиј дедо емигрирал во Белград по револуцијата во царска Русија, вели дека претставата е посвета на семејството, формирано по тие општествените промени.

  • Јас сум дете на еден емигрант кој што го губи своето тло под нозете, бегајќи од сопствената земја. Она што мене најмногу ме погоди, она за што и пишува Булгаков во повеќе негови дела е прашањето, кој со кого се бори , вели режисерката Поплавска.

Во постановката во која се мешаат говорот, музиката и танцот, улогата на Зојка Денисовна Пелц, е доверена на актерката Ана Софреновиќ. Таа со овој лик се врати на сцената по 8 години.

  • Зојка е жена која се занела. И тоа е секогаш еден механизам што постои. Луѓето кои се занесуваат дека во мигот можат се да контролираат. Дека можат се, а всушност имаат свои желби и потреби, вели актерката Софреновиќ.

Во галеријата ликови кои го одразуваат криминалот, корупцијата и падот на моралните вредности, улогата на грофот Обољанинов се разликува.

  • Денешната власт направила такви услови за живот во кои пристојниот човек, едноставно не умее да се снајде. Тоа е најважната реченица за мене која ја изговара грофот, рече актерот Милан Чучиловиќ.

Покрај 20-тината актери, на претставата работеа и Емил Петров, како сценограф и дизајнер, Розе Трајческа како костимограф, Милчо Александров како дизајнер на светло и Огнен Анастасовски, кој ја компонираше музиката.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ