Жителите на Гази Баба на протест против одлуката Центарот за зависници да се премести во нивната општина

Со транспаренти на кои пишуваше „ Стоп за отворањето Центар за зависници во Гази Баба“, „ Да се слушне гласот на жителите „ и „ Да престане самоволието на градоначалникот “, жителите на Гази Баба, на пладне  ја блокираа улицата „ Перо Наков“.

Незадоволни се како што велат, од одлуката на министерот за здравство ,Филипче, да се дислоцира Центарот за зависници од Кисела Вода во Гази Баба и поради издаденото одобрение од градоначалникот  Борче Георгиевски, за отворање на Центарот, во кругот на „ Металски Завод- Тито“.

(изјава: Мирче Зафировски- жител на Општина Гази Баба)

“Бараме од градоначалникот на Општина Гази Баба, Борче Георгиевски, да го слушне гласот на народот и да застане во заштита на граѓаните на Општина Гази Баба и да го повлече издаденото одобрение за отворање на центарот за зависници, на територијата на Општина Гази Баба” – вели Мирче Зафировски.

“Да распише градоначалникот референдум во Општина Гази Баба. Ние граѓаните да одлучиме, дали ќе се согласиме или нема да се согласиме. Демократско право е референдум. А, не може тој да одлучува во име на 60 000 граѓани” – додава Ласте Трајковски.

Не се против правата на зависниците, но не се согласуваат со одлуката за отворањето на Центарот во нивната општина, поради стравот од губење на сопствената и безбедноста на нивните деца.

“Воопшто не е хумано и не е безбедно за нашиот живот. Растеме деца овде. Ги едуцираме како што треба. Ова е спротивно од тоа што ги учиме” – вели Катерина Тодоровска.

Иако побаравме, од градоначалникот на Општина Гази Баба и од Министерството за здравство, одговор не добивме. Жителите на Гази Баба, до Општината и до сите одговорни институции ќе достават петиција, во која ќе го изразат несогласувањето за отворање Центар за зависници на нивната територија. А , ако предупредувањето не успее, ќе превземат други демократски мерки, рекоа тие.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ