ЕУ го поздрави носењето на Законот за Јавното обвинителство

Европската унија го поздрави усвојувањето на неколку важни реформски закони, вклучително и Законот за јавно обвинителство, Советот на јавни обвинители и АКМИС-от. Амбасадорот на ЕУ во Македонија Самуел Жбогар и преку соопштение, но и на твитер напиша дека имплемeнтацијата на овие закони треба да го зајакне владеењето на правото и да овозможи професионализам и ефикасност на судството во полза на граѓаните.

„Овие закони, заедно со Законот за лицата без регулиран граѓански статус и Изборниот законик, одговараат на препораките во Извештајот на ЕУ за земјава и ја потврдуваат заложбата на Северна Македонија да продолжи по патот на интеграцијата во Европската Унија“, се наведува во соопштението Жбогар.

Амбасадорот на ЕУ во пишаната изјава го поздравува фактот што Собранието ги донело овие закони пред да се распушти за предвремените избори на 12 април.

НАТО пак вчера го поздрави носењето на Законот за одбрана кој исто така беше донесен во неделата пред да се распушти Собранието, а со кој Македонија го инкорпорира во своето законодавство Членот 5 од Вашингтонскиот договор т.е. обврската за колективна одбрана на НАТО. Портпаролката на Алијансата, Оана Лунгеску, на својот твитер профил напиша дека носењето на овој закон е важна област од реформите во државата која се подготвува да се приклучи на НАТО како полноправна членка.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ