Жбогар ја потврди неизвесноста за добивање датум за преговори во јуни

Со неизвесност од евроамбасадорот Самуел Жбогар дека земјава во јуни ќе добие датум за преговори, а со очекувањето на вицепремиерот Бујар Османи Европската унија да се приближи до земјава со давање на датум за преговори денеска беше одбележан Денот на Европа. На точно 20 дена до објавувањето на Извештајот на Европската комисија за земјава Жбогар рече дека датумот за преговори е во рацете на земјите-членки на Унијата.

„Денес не можам да најавам отворање преговори во јуни, бидејќи тоа е одлука на нашите земји-членки. Но вие имате силен и убедливи аргументи и чашата се полни“, Самуел Жбогар, амбасадор на ЕУ.

Тој ги повика полтичарите во земјава да покажат единство за да се исполнат европски интеграции.

„По неколкуте избори изминатите години кои длабоко ја поделија земјата време е политичарите и политичките партии да ги остават на страа своите разлики без оглед дали се идеолошки, етнички или лични. Време е да се демонстрира единство за целта и да се интензивираат напорите, прво да се почнат пристапните преговори, второ брзо да се прави прогрес во преговорите“, Самуел Жбогар, амбасадор на ЕУ.

Османи пак потсети дека Северна Македонија ги исполни сите ветувања со носењето на тешките одлуки и дека сега кредибилитетот на евроинтеграциите зависи од испоирачувањето и забрзувањето на интеграцијата на регионот во Унијата.

„Потенцијалната цена да не оставите надвор е многу, многу повисока, отколку цената да не примите внатре“, рече Бујар Османи, вицепремиер за Европски прашања.

Продолжување на реформите е обврската кој и останува на земјава, за што Османи рече дека не постои изговор, бидејќи на земјава и се пружа животна шанса која не смее да се испушти.

„Нашите очекувања се јасни и ние веруваме дека се заслужени и остварливи. Ние со големи чекори се движивме напред кон Унијата и очекуваме Унијата да се приближи до нас со одлуката за отворање на пристпни преговори во јуни оваа година“, изјави Бујар Османи, вицепремиер за Европски прашања.

На одбележувањето на Денот на Европа до амбасадорите земјите-членки на ЕУ се обрати и новоизбраниот претседател Стево Пендаровски, кој рече дека земјава чека добри вести од Брисел во последните десет дена од месецов, но и во јуни.

„Секако прво го чекаме датумот за преговори со ЕУ, а до крајот на годината полноправно членство во НАТО“, рече Стево Пендаровски, новоизбран претседател.

Пендаровски на амбасадорите им порача дека не се сомнева во нивната поддршка за исполнување на сратешката цел на земјава – членството во Унијата.

 

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ