Започна борбата за наследникот на Тереза Меј

Дилемите околу Брегзитот и како Обединетото Кралство да ја напушти Европската Унија се клучните прашања околу кои ги судрија ставовите кандидатите за нов лидер на Британските конзервативци, еден ден откако Тереза Меј најави повлекување од премиерската функција.

Досега 5 политичари најавија дека влегуваат во трката за нов лидер на конзервативците: Министерот за надворешни работи, Џереми Хант; Министерот за меѓународен развој, Рори Стјуарт; Министерот за здравство Мет Хенкок; поранешниот министер за надворешни работи Борис Џонсон и поранешната министерка за труд, Естер Меквеј.

Хенкок, кој последен објави дека влегува во трката за лидерската позиција кај Ториевците, оцени дека евентуалните вонредни парламентарни избори за надминување на ќорсокакот околу брегзитот би било катастрофално за земјата.

“Јас сум кандидат да бидам следен Премиер зашто длабоко верувам дека ни е потребен лидер за иднината а не само за сега” – вели Хенкок.

Министерот за меѓународен развој, Рори Стјуарт, беше еден од ретките  конзервативци кои барат останување на Велика Британија во ЕУ и секако едно од првите прашања кои му беа поставени е како сега планира да го реализира Брегзитот.

“Резултатот од референдумот беше да ја напуштиме ЕУ. Јас верувам во демократијата и верувам во испорачување на резултатите од тој референдум. Сметам дека имаме огромни шанси за Британија, доколку го постигнеме вистинскиот трговски договор. Мислам дека Британија ќе може да продава 300 милиони електрични автомобили во Европа, во наредните неколку децении. Значи, клучното прашање е да го постигнеме вистинскиот трговски договор” – подвлече Стјуарт.

Според аналитичарите, од досегашните кандидати, најголеми шанси има поранешниот шеф на британската дипломатија и поранешен градоначалник на Лондон, Борис Џонсон. Тој вчера од Швајцарија, каде учествува на економска конференција, оцени дека новиот лидер на Ториевците ќе има можност да ги врши работите на поинаков начин.

“Ќе ја напуштиме ЕУ на 31-ви Октомври, со или без договор. Начинот да се дојде до добар договор е да се подготвуваме како да ќе нема договор.” – порача Џонсон.

Повеќето букмејкери, како главни ривали на Џонсон ги именуваат поранешниот секретар за Брегзит, Доминик Рааб и министерот за животна средина, Мајкл Гоув, кои се уште не се изјасниле дали влегуваат во трката.

ТерезаМеј ќе се повлече од премиерската функција на 7-ми Јуни , додека новиот лидер на Ториевците и по автоматизам нов премиер на В. Британија ќе биде познат до крајот на Јули.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ