Законот за урбано зеленило не функционира, инспекциите не излегуваат на терен

Ги снемува парковите и зелените површини. Ги раскопуваат багерите, на сметка на градежниците – обвинуваат екологистите. Од eдна од општините кадешто најмногу се гради – Општина Центар, се обидоа да застанат на патот на багерите со спречување на претходно донесени Детални урбанистички планови кои не се совпаднале со еколошките параметри предвидени во Генералниот урбанистички план. Главен проблем им се слабите инспекции.

„Ние имаме малку инспекција на терен, градежна машинерија за жал гледаме и кога смее и кога не смее да се движи по улици. Не се знае ни колку точно жители живеат на територијата, но не се следеле ниту оние обврски што Генералниот урбанистички план ги има со број на жители по градска четврт.“ кажа Јана Белчева, претседател на Советот на Општина Центар.

Во Собранието лани донесоа нов Закон за да ги спречат багерите безмилосно да ја уништуваат природата во градските средини, но тој не функционира како што треба – обвинија од партијата на зелените.

„Овој Закон, како што јавноста е веќе запознаена, е донесен во јануари 2018 година и сметаме дека една година од неговото донесување не е доволна имплементацијата на овој Закон за урбано зеленило.“ кажа Маја Морачанин од партијата ДОМ.

„Ќе треба да се изработува стратегија за развој на зеленилото. Со оваа стратегија ќе обезбедиме дека таму каде во градовите имаме загадени подрачја, каде немаме доволно проветрување, кадешто имаме топлотни острови – ќе се обидеме да инсталираме ново зеленило.“ кажа Ана Петровска, Државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање.

Сите засегнати се надеваат дека Законот ќе профункционира онака како што треба и ќе гарантира 25 метри квадратни зеленило на жител, и 20% зеленило на градежна парцела. За сега можат само да ги набројуваат штетите кои веќе се направени.

„Ни недостигаат зелени мали џепчиња, ни недостигаат игралишта за деца, ни недостига каде да ги ставиме контејнерите, ни недостига по некое дрво“ кажа Дивна Пенчиќ, професор на Архитектонскиот факултет.

Здравјето на граѓаните директно е поврзано со достапноста на урбаното зеленило – јасно порачаа од Светската здравствена организација.  Екологистите се надоврзаа дека во прилог на тоа не оди трендот кај нас – се повеќе високи згради и се помалку растојание помеѓу нив.

 

Петар Догов

 

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ