Заев по средбата со Ципрас: Веруваме дека можеме да најдеме решение кое го штити достоинството на граѓаните во двете држави

Македонија и Грција го зајакнуваат пријателството. Со премиерот Ципрас веруваме дека можеме да најдеме решение кое го штити достоинството на граѓаните во двете држави, напиша на Фејсбук премиерот Зоран Заев, по средбата со грчкиот премиер Алексис Ципрас на маргините за Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија.

Деталите од средбата треба да ги соопшти премиерот Зоран Заев на прес-конференција за помалку од половина час.

Од владата велат дека се разговарало за можностите двете страни да ги доближат разликите за решение прифатливо за двете страни.

И Заев и Ципрас, по нивната тет-а тет средба се среќаваат со германската канцеларка Ангела Меркел на одвоени средби.

Кај македонската влада се уште постои умерен оптимизам дека спорот за името може да се реши наскоро и земјата да ги одблокира евро-атлаантските интеграции, односно да добие датум за почеток на преговори со ЕУ на самитот во јуни и покана за членство во НАТО на јулскиот самит на Алијансата.

Европската иднина на балканските земји ќе биде потврдена уште еднаш во Декларацијата од Самитот, овде во Софија, што лидерите на Унијата треба да ја усвојат денеска, но таму не се спомнува зборот проширување, ниту, пак, се даваат конкретни датуми кога земјите од Балканот може да станат членки на Унијата.

Од Софија, Марија Дивитарова ТВ Телма

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ