За легализираните дивоградби драстично поевтинува приклучокот за струја

Сите куќи во чии општини не се донесени детални урбанистички планови, за да добијат приклучок за струја, наместо како што досега плаќаа од три до шест илјади евра, од септември па натаму ова ќе ги чини по само 400 евра, колку што изнесува сумата за стандарден приклучок.

Од РКЕ велат дека ова драстично поевтинување ќе се одобри само на локации каде се изградени повеќе куќи и има пристапен терен, а не на оддалечени подрачја. Се тврди дека овие граѓани немаат вина што во нивните општини советите од разни причини не ги донеле ДУП-овите, регулаторите ги повикаа локалните власти тоа да го сторат што побрзо.

А најкритични општини заради кои ова се прави, се оние во Западна Македонија.

„Најпроблематични делови се општините во Западна Македонија, Гостивар, Тетово, исто така и во Реканскиот крај има општини. А веќе и на увид, бидејќи кога имаме жалби одиме на терен, и гледаме дека веќе се изградени куќи и не му е проблем на операторот на дистрибутивниот систем да си ја планира својата мрежа, бидејќи ги гледа новите потрошувачи. Така да, сметам дека оваа категорија граѓани нема потреба да бидат оштетени и да плаќаат високи трошоци за нестандарден приклучок, кои изнесуваат три, четири, пет и до шест илјади евра, туку ќе влезат во категоријата на стандарден приклучок“, вели Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.

Станува збор за објекти кои почнале да се градат како дивоградби пред да се донесе Законот за легализација, но во периодот од март 2011 до крајот на 2018 колку што важеше, или ги легализирале, или веќе ја почнале постапката. Многу објекти се легализирале и без условот да имаат платени сметки за струја, па сега бараат да добијат приклучок.

„Сите тие куќи се изградени пред да влезе во сила Законот за легализација, сите тие во соодветна постапка се легализирани. Сега во Македонија, по влегувањето во сила на Законот за легализација, не може да се гради без да има одобрение за градење. Значи, станува збор за објекти кои се легализираат“, вели Бислимовски.

Со Законот беа легализирани околу 200 илјади објекти.

Граѓаните и инвеститорите, пак, во чии општини има ДУП-ови, наместо 500 како досега, за стандардниот приклучок ќе плаќаат исто по 400 евра.

Заради намалениот трошок Бислимовски ги повика градежниците да ги поевтинат становите, ни тие веќе објаснија дека ова е мала сума која не може да има ефекти на крајната цена на квадратот.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ