НБ: Заштедите на граѓаните се сигурни

Депозитите на граѓаните во банките се сигурни и не постои простор за загриженост, а прогласувањето на вонредната состојба не подразбира промени во процесот на банкарското работење, порачуваат од Народната банка.

Оттаму велат дека заштедите во вакви околности се најбезбедни во банките и штедилниците и го имаат истиот статус како пред прогласувањето на вонредната состојба.

Појаснуваат дека и во вонредна состојба, за депозитите се пресметува и добива камата, во согласност со договорот што клиентот го има со банката или штедилница, како што важат и сите други договорни одредби.

-Не постои простор за загриженост – како што веќе укажавме, и во периодот на вонредната состојба, депозитите ќе им бидат достапни на граѓаните и фирмите, како и претходно, истакнуваат од Народната банка.

Потсетуват дека и сите други услуги што ги нудат банките и штедилниците, на граѓаните и фирмите им се достапни додека трае вонредната состојба. -Работата на финансиските институции за кои Народната банка е надлежен регулаторен и супервизорски орган го задржува својот континуитет и во овие привремено променети околности, оценуваат од централната банка и истакнуваат дека платниот промет се одвива непречено.

Укажуваат дека користењето на готовината во овој период е опасно по здравјето и апелираат плаќањата да се вршат со платежни картички или преку сервисите за електронско и мобилно банкарство.

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ